Повик за приклучување на нови организации кон Сојузот за младинска работа

Прилози за преземање

Согласно Статутот на Сојузот за младинска работа (СМР), на 20.11.2026 година, Сојузот распишува:

Во пресрет на Редовното годишно собрание, Сојузот за младинска работа (СМР) отвора повик за прием на нови членки и ги поканува сите заинтересирани правни лица — здруженија, фондации и сојузи на здруженија — регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации или Законот за Црвениот крст, да се приклучат кон нашиот Сојуз.

1. За Сојузот за младинска работа (СМР)

Сојузот за младинска работа (СМР) е мрежа на понудувачи на младинска работа – младински организации и организации кои работат со и за младите – посветени на регулирање и стандардирање на младинската работа, поддршка на младинските работници и подигнување на јавната свест за значењето на младинската работа.

Визијата на Сојузот за младинска работа е младинската работа да биде признаена како професија и да постои изграден систем за поддршка на младите луѓе и младинските работници.

Основната цел на СМР е афирмација и признавање на младинската работа, нејзино следење, проценување, унапредување и континуиран развој заради обезбедување квалитетна, ефикасна и ефективна поддршка на младиот човек.

Задачи на Сојузот за младинска работа се:

  • поврзување, односно олеснување и/или водење на процесот на поврзување, меѓусебна помош и поддршка, размена на искуства и соработка на младинските работници, младинските организации и други организации понудувачи на младинска работа;
  • афирмација и водење процеси и постапки за препознавање и признавање на вредностите од младинската работа (самопризнавање, општествено, формално и политичко признавање);
  • поставување стандарди и критериуми за квалитет, следење и контрола на квалитетот на младинската работа и негово континуирано унапредување;
  • водење на националните процеси за образование на младински работници преку стандардизирани и акредитирани програми, самостојно и во соработка со образовните институции;
  • креирање база на податоци за младински работници;
  • подобрување на пристапот и заштита на правата на младинските работници.

2. Критериуми за членство

2.1. Секоја организација-кандидат треба да има искуство со младинска работа на локално или национално ниво од најмалку 2 години. Искуството подразбира:

  • годишно да реализира најмалку 5 активности како независни краткорочни активности или 2 долгорочни програми за младинска работа;
  • реализираните активности да имаат јасни цели, поврзани со општите цели на младинската работа, односно личен и социјален развој на младите;
  • реализираните активности да се јасно спроведени според принципите на неформално образование и информално учење;
  • реализираните активности да имаат вкупен годишен опфат од најмалку 50 млади лица кои се корисници на активностите.

2.2. Младинската работа или слични термини (неформално учење, личен и социјален развој на млади, активно учество во заедницата и слично) треба да се јасно содржани во Статутот или Програмата за работа на организацијата.

2.3. Организацијата треба да има вклучено во својата работа (редовно, секој месец) барем 2 младински работници. Под вклучување се подразбира ангажман како членови на организацијата, волонтери или лица со привремен или постојан работен однос.

3. Права и должности на членовите на СМР

3.1. Членот на СМР има право да:

  • учествува во остварувањето на целите на СМР;
  • учествува и гласа на Собранието на СМР;
  • непосредно учествува во одлучувањето на Собранието или преку органите на СМР;
  • предлага и гласа за членови на Управниот одбор;
  • дава мислења и предлози во работните групи на СМР;
  • биде информиран и да предлага активности во планот за работа на СМР;
  • остварува увид во документите на СМР;
  • бара толкување на Статутот на СМР;
  • остварува дополнителни права согласно правилниците за работа на СМР;
  • истапи од членството во Сојузот.

3.2. Членот на СМР има должност да:

  • учествува редовно на годишните собранија на СМР;
  • плаќа годишна членарина согласно одлука на Управниот одбор;
  • се придржува кон вредностите на СМР;
  • го чува угледот на СМР;
  • активно придонесува кон развојот на СМР;
  • го известува СМР за секоја измена и дополнување на Статутот и да достави пречистен текст на Статутот во рок од 30 дена од денот на регистрирањето на измената во соодветниот регистар.

4. Потребна документација и начин на пријавување

4.1. Пријавувањето се врши со доставување на следните документи:

  • Писмо за намера;
  • Статут на организацијата;
  • Тековна состојба (не постара од 6 месеци);
  • Годишни финансиски и наративни извештаи за последните две години;
  • Одлука за зачленување во СМР, донесена од орган овластен за носење такви одлуки согласно Статутот и интерните акти на подносителот.

4.2. Пријавите треба да се испратат на електронската адреса на СМР: smr.sojuz@gmail.com најдоцна до 16.12.2026 година, со назнака: „Кандидатура за прием на нови организации-членки во СМР“.

5. Постапка за разгледување и избор

5.1. Управниот одбор на СМР ги разгледува пристигнатите документи, изготвува свое мислење и пред одржувањето на Собранието ги доставува документите до сите тековни членки на СМР.

5.2. Изборот се врши по пат на тајно гласање од страна на членките на СМР за време на Редовното годишно Собрание, кое ќе се одржи на 26.12.2026 година, во онлајн формат на платформата Zoom. Организациите-кандидати ќе бидат поканети како гости на Собранието, каде што ќе имаат можност да го претстават својот профил и мотивацијата за зачленување во СМР, по што ќе се пристапи кон тајно гласање. За прием на нови организации-членки е потребно просто мнозинство од присутните членки.