Стефан Момиќ – втор добитник на стипендијата „Билјана Василевска Трајкоска“
Со големо задоволство ви го претставуваме вториот добитник на стипендијата „Билјана Василевска Трајковска“– Стефан Момиќ од Скопје.
На јавниот повик пристигнаа шест пријави, а по првичната проверка и административен преглед, петмина кандидати продолжија во селекцискиот процес и беа поканети на интервју. Селекцијата беше спроведена од Одборот за доделување на стипендијата, во состав од: Драгана Митровиќ, генерален секретар на СМР; Јован Крстески, член на Управниот одбор на СМР; Евгенија Узунова, член на Управниот одбор на НМСМ; Мартин Филиповски, програмски координатор во Форум ЗФД (ProPeace) и Ивона Крстевска, долгогодишна соработничка и пријателка на Биле.
Кандидатите беа оценувани врз основа на повеќе аспекти од нивниот ангажман и мотивација, вклучувајќи искуство во младинскиот сектор и граѓанските организации, волонтерски активности, претходни обуки и сертификати, мотивацискиот прашалник, есејот и впечатокот од интервјуто. По деталната евалуација, рангирана на I (прво) место со освоени најголем број на поени – 81.3 беше апликацијата на Стефан Момиќ, овогодинешниот добитник на стипендијата за постдипломски студии по младинска работа.
Официјално му честитаме на Стефан и му посакуваме успешни студии, нови знаења и силен професионален раст во областа на младинската работа.
Стипендијата се доделува во чест на Билјана Василевска Трајковска – Биле, чија посветеност, визија и долгогодишна работа со младите продолжуваат да инспирираат генерации младински работници и активисти.
Сојузот за младинска работа ќе продолжи да ги поддржува младите професионалци, да ја унапредува младинската работа и да создава можности за развој, учење и професионализација на оваа значајна општествена област.

*Резултатите од евалуација на кандидатите за постдипломска стипендија „Билјана Василевска Трајковска“ може да ги погледнете тука.