Проглас за претстојните локални избори 2025: Младински центар во секоја општина!

Published by admin on

Сојуз за младинска работа

Од денот на осaмостојувањето, повеќе од две декади, младинскиот глас во Македонија често се губеше меѓу институционалните ходници. Младинското организирање почна практично од нула. Со искрена верба дека младите заслужуваат место онаму каде се носат одлуките што ги обликуваат нивните животи – од спонтани граѓански собири во скромни простории, од страсни дебати во студентските домови, од првите младински здруженија и неформални младински групи кои се осмелија да сонуваат за подобра иднина и се самоорганизираа – се роди движење што денес е двигател на општествените и политичките промени во нашата држава.

Промената на статус квото започнува со мали пионерски чекори – дискусии и дебати, креирање и носење на првата Национална стратегија за млади 2005-2015 година, формирањето на првиот Локален младински совет во 2007-та, првите локални младински стратегии – вкупно 13 во 2013 година, со кои општините ги вградија младинските приоритети во своите развојни документи… Кулминацијата беше донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики во 2020 година, што претставува правна рамка за креирање на трајни механизми за влијание врз јавните политики.

Во 2013 година беше формиран и Сојузот за младинска работа (СМР), како чадор на организации – понудувачи на младинска работа, и стана клучен актер и партнер на носителите на одлуки и институциите во областа на развојот на младинската работа – за нејзино препознавање, стандардизација и професионализација.

Некои од позначајните успеси во областа на младинската работа се донесувањето на стандард за занимањето „Работник со млади во 2018-та, а врз основа на кој е развиена првата сертифицирана програма за образование на возрасните, преку која – од 2020та до денес, повеќе од 45 работници со млади се сертифицирани; од пред 2 години, акредитирана е и програмата за последипломски студии за младинска работа; во Законот за младинско учество и младински политики, вклучена е дефиницијата за младинската работа, а со посебни одредби го уредува основањето и функционирањето на младинските центри; во 2021 е усвоен и Правилникот за стандарди за квалитет на младинските центри; младинската работа е застапена како една од приоритетните области во Националната стратегија за млади

Младински центар во секоја општина

Почитувани,

Со овој јавен проглас се обраќаме до сите политички партии коишто ќе учествуваат во претстојните избори, до независните кандидати за градоначалници и независните советнички листи со цел да се осигурa дека потребите на младите и одредбите од Законот за младинско учество и младински политики што се однесуваат на општините нема да бидат занемарени. 

Покрај заложбата за целосно спроведување на Законот за младинско учество и младински политики, особено нагласуваме дека одредбите кои се однесуваат на младинските центри и младинската работа останаа најзанемарени по неговото донесување. Иако роковите наведени во Законот (чл. 26, ст. 7) за отворање на најмалку еден младински центар во секоја општина одамна се поминати, до денес се отворени само 9 младински центри согласно Законот. Дел од нив секојдневно се соочуваат со сериозни предизвици, најчесто поради нередовна и недоволна финансиска поддршка од општините.  

Посочуваме на значењето на младинската работа за развојот на младите, и на улогата на младинските работници и младинските центри во локалните заедници преку цитирање на чл.22, ст.1 од Законот: „Младинските центри се места каде се подготвуваат и спроведуваат програми кои ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјален и професионален живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите.“

Сметаме дека е неопходно:

  1. Во програмите кои ќе бидат презентирани пред претстојните избори, преку кои кандидатите за градоначалници и советници ќе ја побараат поддршката од граѓаните, ЗАДОЛЖИТЕЛНО да предвидат отворање на барем еден младински центар во општината во која се кандидираат;
  2. По завршувањето на изборниот процес, избраните кандидати да се обврзат да обезбедуваат редовна финансиска поддршка за младинските центри со цел да имаме непречена и континуирана имплементација на програмите на младинските центри и предвидените активности за младите, бидејќи само така може да се постигне влијанието и ефектите на долг рок;
    3. Да се почитуваат правата и достоинството на младинските работници.

Преку процесот на отворање на младински центри се овозможува да се спроведува младинска работа која претставува организиран и систематски процес на едукација и поддршка на автентичниот развој на младите со цел остварување на нивниот целокупен личен, социјален и општествен потенцијал и нивно активно вклучување во животот на заедницата. 

Младите и организациите кои работат со млади, години наназад повикуваат за отворање на младински центри. Младите се иднината на ова општество, но каква иднина ќе им обезбедиме на младите доколку не ги почитуваме нивните права и потеби. 



Ги повикуваме сите политички партии и независните кандидати за градоначалници и советници, овие барања да ги земат во предвид и преку своите кампањи јавно да го споделат својот став и заложба за имплементацијата на наведените барања. 

Сојузот за младинска работа по завршување на изборниот процес ќе биде на располагање за дополнителни појаснувања и поддршка во однос на постапката за отворање на младински центри и почитување на стандардите за квалитет на младинската работа.

Со почит,