Разговор со Рената Анѓелкова – добитничка на стипендијата „Билјана Василевска Трајкоска“ за постдипломски студии за младинска работа

Published by admin on

Со големо задоволство ви ја претставуваме првата добитничка на стипендијата „Билјана Василевска Трајковска“ – Рената Анѓелкова од Кавадарци.

Одборот за доделување на стипендијата, составен од пет члена — претставници од семејството и соработници на Биле, НМСМ, Форум ЗФД, Управниот одбор на СМР и Секретаријатот на СМР — со големо внимание ги разгледа и оцени сите апликации. По спроведени интервјуа и сумирање на бодовите, Рената Анѓелкова беше прворангирана кандидатка која со вкупно 74,5 поени заслужено ја освои стипендијата.

По доделувањето на стипендијата, имавме чест да поразговараме со Рената за нејзината мотивација за изборот на овие постдипломски студии, за досегашното искуство и задоволство од студиите, како и за нејзините идни планови и визии во младинската работа.

Прочитајте и дознајте повеќе за мотивацијата, искуствата и визиите на Рената Анѓелкова, првата добитничка на стипендијата „Билјана Василевска Трајковска“ за постдипломски студии по младинска работа.

1. Што те мотивираше да се запишеш на последипломските студии по младинска работа?

Младинската работа за мене е повеќе од професија – таа е моја лична мисија која започна уште од тинејџерските години. Преку неформалното образование и работата со млади, увидов колку е важно да постојат структури и поддршка за нивниот развој. Овие студии ми овозможуваат да ги систематизирам и продлабочам моите знаења, со што ќе можам уште поефикасно да работам во младинскиот сектор и да придонесам кон создавање квалитетни младински политики.

2. Како ти оди студирањето досега?

Бидејќи оваа студиска програма е релативно нова, моментално нема голем број на запишани студенти, но тоа ми овозможува поиндивидуален пристап и подлабока дискусија за темите што ги обработуваме. Студиите отвораат многу нови перспективи за младинската работа и веќе можам да ги поврзам стекнатите знаења со моето практично искуство.

3. Како планираш да го примениш стекнатото знаење по завршување на студиите?

Планирам да продолжам со развојот на младинската работа во Македонија преку креирање иновативни програми за поддршка на младите. Би сакала да работам на зајакнување на капацитетите на младинските работници, но и на институционално признавање на младинската работа како значајна професија. Верувам дека преку едукација, менторство и активно вклучување на младите во процеси на одлучување можеме да создадеме подобри можности за нив и да ги мотивираме да останат во земјата.

Упатуваме искрени честитки до Рената и ѝ посакуваме успешни студии!