Младински центри

Со донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики во јануари 2020 година, за прв пат во Македонија беа дефинирани младинските центри како еден од видовите сервиси за млади. Со донесувањето на овој закон беше воведена и обврска за сите општини да овозможат функционирање на најмалку еден младински центар во рок од 5 години од донесувањето на законот. 

Со ова беа поставени основи за отворање на младински центри во соработка помеѓу Агенција за млади и спорт, општините Битола, Велес, Кавадарци и Куманово, и Сојуз за младинска работа. Во согласност со потпишаните меморандуми за соработка, четирите општини презедоа обврска да обезбедат простор за младинските центри и да ги покријат тековните трошоци за нивната работа, додека АМС ја презеде обврската за опремување на центрите со неопходните опрема и материјали. Сојуз за младинска работа, преку локалните организации членки, ќе обезбеди програми за младинска работа што ќе бидат спроведувани од страна на младински работници. 

Општините во кои се отвори процес за основање на првите пилот младински центри во партнерство меѓу државата и граѓанскиот сектор беа избрани во консултација со Сојузот за младинска работа, а имајќи ги во предвид локалните ресурси и капацитети што веќе постојат не само кај организациите членки на СМР, туку и кај другите локални младински организации и организации за млади. Со цел стандардизација на пристапот и квалитетот на работа во овие младински центри, во соработка помеѓу АМС, СМР и другите релевантни чинители беа подготвени Стандарди за квалитет на младинските центри.

Младинските центри се очекува да бидат отворени во текот на 2020 година.