Jaвен повик за доделување на стипендијата „Билјана Василевска Трајкоска“ за последипломски академски студии по младинска работа
Како дел од својата мисија да ја издигне младинската работа на национално ниво, Сојузот за младинска работа (СМР) ја доделува оваа стипендија во чест на Билјана Василевска Трајковска за нејзините незаменливи напори и огромен придонес во полето. Преку оваа стипендија, СМР продолжува да го почитува наследството на Биле и да ги поддржува идните генерации младински работници кои ќе го следат нејзиниот пример.
Оваа стипендија го носи името на Билјана Василевска Трајкоска, истакната активистка и лидерка во областа на младинската работа, која со својата визија и незапирлива енергија даде огромен придонес во развојот и професионализацијата на младинската работа како професија. Низ годините, Билјана беше вклучена во бројни иницијативи за поддршка и едукација на младите, залагајќи се за нивна вклученост и зајакнување.
Кој може да аплицира?
Стипендијата „Билјана Василевска Трајкоска“ е можност за сите кои сакаат да станат професионални младински работници и да придонесат кон унапредување на младинската работа во нашата земја. Сите заинтересирани лица кои планираат да се запишат на последипломските академски студии по младинска работа и ги исполнуваат условите за упис на студиската програма која се спроведува на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Како да аплицирате?
Заинтересираните кандидати треба да ја достават потребната документација најдоцна до 10 февруари (понеделник), 23:59 часот.
Потребни документи:
1. Формулар за пријавување;
2. Пополнет прашалник за мотивација;
3. Кратка биографија (CV);
4. Есеј на тема „Младинската работа како моја животна мисија“ (од 1500 до 2000 зборови максимум)
5. Уверение за завршени додипломски студии
Процес на селекција на добитник на стипендија
Пријавените кандидати ќе бидат рангирани согласно добиените поени, при што минималниот број на поени кое едно лице треба да ги освои за да може да добие право на доделување на стипендија се 50, а вкупниот број на поени кое едно лице може да ги добие се 100. Поените ќе бидат распределени според:
- Претходно искуство: Работа со млади, работа во граѓански сектор, обуки и сертификати, волонтерство;
- Мотивација, прашалник за мотивација, есеј;
- Интервју
Контакт
За сите дополнителни информации околу условите и начинот на аплицирање, ве молиме контактирајте нѐ на мејл адресата: stipendijabvt@gmail.com.
* СМР се обврзува да додели најмалку една целосна стипендија (или повеќе).
**СМР го задржува правото да не додели ниту една стипендија доколку пријавените кандидати не ги исполнуваат минимум поставените услови.