Сертифицирани првите младински работници

Published by admin on

На 11ти јуни Сојуз за младинска работа и Агенција за млади и спорт ги доделија сертификатите на 14те младински работници за завршена програма за образование на возрасни во согласност со стандардот на занимање Работник со млади. Со тоа, за прв пат во нашата земја беа препознаени сертифицирани професионалци според еден од профилите на младинскиот работник, во согласност со Националното портфолио на младински работници.

Како акредитирана институција за образование на возрасните, Сојуз за младинска работа во декември 2020 година започна со спроведување на образовната програма за занимањето Работник со млади, верификувана од страна на Јавната Установа Центар за образование на возрасните во 2019 година. Обуката се состоеше од 144 часови теоретска настава и 60 часови практична работа во организација, како и од испитна работилница на која учесниците имаа можност да ги демонстрираат стекнатите знаења и вештини. 

Ова четиримесечна обука е првата програма спроведена врз основа на стандардот на занимање Работник со млади, одобрен од Министерство за труд и социјална политика во 2018 година. Истовремено, ова е првата формално образовна програма воопшто кај нас за младински работници, кои Законот за младинско учество и младински политики ги дефинира како “квалификувани лица кои поседуваат компетенции за работа со млади луѓе спроведувајќи активности со кои се поддржува нивниот личен и социјален развој преку неформално и информално учење”. Програмата одговара на IV ниво на квалификација според Националната рамка на квалификации, а по нејзиното завршување учесниците се стекнуваат со звањето Работник со млади.

Младинските работници можат да работат во различни работни средини во кои младинската работа може да биде примарна или секундарна дејност, како на пример граѓански организации, младински центри и клубови, младински советувалишта, но и училишта, интернати, единици на локална самоуправа и во други институции и организации. Во согласност со член 22 од Законот за младинско учество и младински политики, младинските работници се одговорни за работа со млади во младинските центри што треба да се основаат во соработка помеѓу општините и младинските форми на организирање. 

Програмата за образование на возрасните врз основа на стандардот Работник со млади беше спроведена со финансиска поддршка од Агенција за млади и спорт, во рамки на проектот “Образовни можности за младински работници”.