Стандардизација
Стандардизацијата на младинската работа се однесува на поставување на рамка на стандарди преку кои ќе може да се следи и гарантира квалитетот во понудата на младинска работа. Со дефинирањето на минимум критериуми што треба да бидат исполнети од страна на понудувачите во нивните програми на младинска работа, и со воспоставувањето на систем за нивно спроведување, се овозможува стандардизација во квалитетот на младинската работа без разлика каде и кого се спроведува.
Стандарди за квалитет на младинската работа е документ подготвен преку широк консултативен процес со сите чинители во полето на младинската работа, а издаден во 2019 година заеднички од страна на Сојузот за младинска работа, Агенција за млади и спорт и Националниот младински совет на Македонија. Во овој документ за прв пат се дефинираат предусловите, критериумите и индикаторите за квалитет во младинската работа во Македонија, а во него е предложен и формат за систем за постигнување квалитет во младинската работа.
Уште еден документ со кој се поддржува процесот на стандардизација е Стандардите за квалитет на младинските центри. Овие стандарди беа издадени во 2020 година од Сојузот за младинска работа и Агенција за млади и спорт, а беа развиени преку консултативен процес што ги вклучи другите чинители во полето на младинската работа, а особено организациите што управуваат со младински центри. Стандардите за квалитет на младинските центри за почеток ќе важат за новите младински центри што се основаат во соработка помеѓу Агенција за млади и спорт, општините Битола, Велес, Кавадарци и Куманово, и Сојуз за младинска работа, а во иднина треба да бидат основа за квалитет во сите младински центри во земјата.
Сојузот за младинска работа во моментов работи на воспоставување на национален систем за следење, проценување, вреднување и унапредување на квалитетот на понудата на младинска работа, согласно насоките од Стандардите за квалитет во младинска работа, Стандардите за квалитет на младински центри, националните карактеристики и европските искуства и препораки.
