Професионализација

Младинската работа во Македонија се уште не е целосно препознаена како професија, па лицата кои професионално се занимаваат со младинска работа не можат да бидат вработени како младински работници.

Портфолиото на младински работници е документ подготвен преку широк консултативен процес со сите чинители во полето на младинската работа, а издаден во 2019 година заеднички од страна на Сојузот за младинска работа, Агенција за млади и спорт и Националниот младински совет на Македонија. Во овој документ се дефинирани трите профили на младински работник во Македонија, коишто се разликуваат според делокругот на работа, правата, обврските и степенот на автономија во работата, а согласно на тоа, и според компетенциите што се потребни да ги поседуваат заради успешно извршување на задачите. Трите профили се:

  • Работник со млади
  • Дипломиран младински работник 
  • Експерт за младинска работа

Во моментов во Македонија формално постои само првиот профил, со усвоениот стандард на занимање за Работник со млади од 2018 година. Врз основа на овој стандард, од страна на СМР во 2020 година беше акредитирана и првата програма за образование на возрасни за занимањето Работник со млади.

До декември 2022 година, вкупно 24 лица ја имаат успешно завршено програмата и имаат добиено сертификати за Работници со млади.

Професионализацијата на младинската работа е тесно поврзана со постоењето на стандардизиран пристап во образованието на младински работници. Во Македонија се уште не постои формално образование за младински работници, што значи дека не постои можност за соодветно образување на младински работници од другите два профили. Сојузот за младинска работа работи на создавање услови за воспоставување додипломски и/или постдипломски студии по младинска работа. Во таа насока СМР во моментов го спроведува стратешкото партнерство “Создавање младински работници – формално образование”, во соработка со Филозофскиот Факултет од Скопје и организации и универзитети од Естонија, Велс и Ирска кои веќе нудат студии по младинска работа.