Квалитетна младинска работа – рамка за иден развој на младинската работа
Со поддршка на Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност, во соработка со Агенција за млади и спорт и Национален младински совет на Македонија, во 2018 година, следејќи ги одредбите од Националната стратегија за млади, СМР го започна процесот на изработка на Национални стандарди за квалитет во младинската работа и Националното портфолио за младински работници.
Процесот опфати воведна конференција во ЕУ инфо центар каде претставници на СМР; АМС, НА и Националниот младинкси совет на Македонија, Коалиција СЕГА, претставници на Националната асоцијација на практичари на младинска работа НАПОР од Србија, зборуваа за младинската работа, нејзиното значење и за потребата од нејзина стандардизација и професионализација.
После воведната конференција СМР спроведе 4 консултативни регионални средби во Штип, Гостивар, Битола и Скопје, на кои присуствуваа младински работници, млади, претставници на национални институции и институции активни на локално ниво, претставници на комплементарните професии како социјални работници, педагози, обучувачи, психотерапевти и слично. Целта на средбите беше да да стимулира дијалог меѓу младите, младинските работници, помагателните професии и донесувачите на одлуки за значењето на поставувањето на Рамка за квалитет и Портфолио за младинска работа, како и да се соберат насоки за подготовка на финалните документи.
Како резултат од проектот во 2019 година за прв пат во Македонија беа издадени Стандарди за квалитет на младинската работа и Портфолио на младински работници, кои беа јавно презентирани на завршен настан.
Проектот беше спроведен со финансиска поддршка од Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност во висина од 6.000 евра.
Проектот беше избран како еден од најзначајните проекти во полето на младинските политики на европско ниво, и како таков беше изложен заедно со уште 20-тина проекти пред Европскиот парламент по повод Европската недела на младите.