Историјат
Сојуз за младинска работа е основан како резултат на иницијативата за признавање и професионализација на младинската работа, спроведена од Центар за Меѓукултурен Дијалог (ЦИД) во соработка со Националниот Демократски Институт (НДИ). Основачкото Собрание на СМР се одржа на 13.06.2013 година. Со своето основање, СМР ги обедини дел од најзначајните актери во полето на младинската работа во Македонија со цел препознавање на младинската работа како клучна алатка за помагање на позитивниот личен и социјален развој на младите.
Веднаш по основањето, Сојузот за младинска работа подготви рамка за дефинирање на младинската работа, во која за прв пат во Македонија беа дефинирани термините: младинска работа, младински работник и понудувач на младинска работа, и беше започнат процесот за одредување критериуми за младински работник и за квалитет на младинската работа. СМР подготви и акциски план за признавање на младинската работа на четири нивоа: легислатива, самопризнавање, признавање на квалитетот и општествено признавање.
Во 2014 година Сојуз за младинска работа во соработка со Агенција за млади и спорт и мисијата на ОБСЕ во Македонија иницираше процес за подготовка на Закон за младинска работа. Во рамки на овој процес беше подготвен нацрт текст на законот и беа одржани повеќе консултативни средби со младински организации и организации за млади. Процесот беше прекинат откако беше направена проценка дека младинскиот сектор се уште не е подготвен за законско регулирање на младинската работа.
Во 2015 година СМР беше активно вклучен во подготовката на Националната стратегија за млади за периодот 2016-2025 година. Како резултат од лобирањето за потребата за препознавање на младинската работа, за прв пат во Македонија младинската работа беше дефинирана во официјален документ донесен од државен орган. Локалната младинска работа беше препознаена како една од тематските области на стратегијата.
Во текот на 2015 и 2016 година Сојузот за младинска работа беше активно вклучен во проектот “Обединети младински работници”, кој беше спроведен од страна на организациите членки МКЦ-Битола и Креактив, во рамки на националната ИПА програма. Како директен резултат од овој проект во 2017 до Центарот за стручно образование и обука беше поднесена иницијатива за изготвување на стандард на занимање младински работник. Подносители на иницијативата беа МКЦ-Битола, Сојуз за младинска работа, Агенција за млади и спорт и Коалиција на младински организации СЕГА. Со одлука на Министерството за труд и социјална политика, во 2018 година беше донесен првиот стандард на занимање во младинската работа, со назив Работник со млади.
Процесите за професионализација и стандардизација на младинската работа се забрзаа во 2018 и 2019 година, кога Сојузот за младинска работа спроведе неколку значајни проекти. Како резултат од проектот “Квалитетна младинска работа. Заедничка рамка за натамошен развој на младинската работа” беа подготвени и издадени првите Стандарди за квалитет на младинската работа и првото Портфолио на младински работници. Во рамки на проектот “Образовни можности за младински работници” беше подготвена и верификувана првата програма за образование на возрасни за занимање: Работник со млади, согласно стандардот на занимање Работник со млади. За потребите на оваа програма од страна на СМР беа подготвени Насоки за обучувачи за работници со млади и Прирачник за работа со млади.
Во 2019 година Сојузот за младинска работа беше активно вклучен во консултативниот процес за изработка на Законот за младинско учество и младински политики. Со донесувањето на овој закон на почетокот од 2020 година, за прв пат во Македонија младинската работа и младинскиот работник беа дефинирани во закон. Младинските центри, како сервиси за млади, исто така беа дефинирани во овој закон, и беше воведена обврска за сите општини да овозможат функционирање на најмалку еден младински центар. Со ова беа поставени основите за отворање на младински центри во соработка помеѓу Агенција за млади и спорт, општините Битола, Велес, Кавадарци и Куманово, и Сојуз за младинска работа. Со цел стандардизација на пристапот и квалитетот на работа во овие младински центри, во соработка помеѓу АМС, СМР и другите релевантни чинители беше изготвен уште еден значаен документ – Стандарди за квалитет на младинските центри.