Образовни можности за младински работници

Со поддршка од Агенција за млади и спорт, во април 2019та година Сојуз за младинска работа започна со спроведување на проектот “Образовни можности за младински работници”. Главна цел на проектот е обезбедување на можности за квалитетен развој на младинската работа во Македонија, преку создавање на можности за неформално образование на работници со млади, согласно стандардот на занимање Работник со млади од 2017 година, а имајќи ја предвид разновидноста на младинската работа посочена во Препораките за младинска работа на Совет на Европа, усвоени од страна на Советот на министри на 31 мај 2017.

Со реализација на овој проект беше овозможена верификација на првата програма за образование на возрасни за занимање: Работник со млади,  согласно стандардот на занимање Работник со млади од 2017 година. ЈУ Центар за образование на возрасните – Скопје во 2019та година донесе одлука за верификација на програмата поднесена од страна на Сојуз за младинска работа.

Во рамки на овој проект беа развиени и едукативни ресурси неопходни за спроведување на програмата: Насоки за обучувачи на работници со млади и Прирачник за работа со млади. Континуирано се работи и на информирање на јавноста за значењето на акредитирање на програми за работа со млади во однос на осигурување на квалитетна работа со млади, преку различни медиумски активности. 

Другите активности од проектот – верификација на Сојуз за младинска работа како установа спроведувач на образование на возрасни и пилотирање на првата верификувана обука со 15 работници со млади ќе бидат спроведени во 2020та година. 

Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Агенција за млади и спорт во висина од 265.000 денари.